Кајмакчалан 06
Планината Ниџе е расположена по македонско-грчката граница, источно од Пелагониската котлина. Растителниот свет е доста разновиден, има дабови шуми, кои се распространети до 1.400 м.н.в. и кои наеднаш преминуваат во иглолисни шуми без преодниот буков појас. А од богатиот животински вид може да се забележат едречките орли. Знчењето го добива особено по Првата светска војна преку името на својот најубав и највисок врв – Кајмакчалан (2.521 м.н.в.), што во превод значи масно, кајмаклија – пасиште. Таа е бујна и богата со алпски пасишта и низ вековите била користена од сточарските народи како што се Јуруците, Каракачаните, Власите... Натпреварот во планинско трчање започна во сабота, 1 јуни 2006 година, во 8 часот и 20 минути од Ловечкиот дом близу до реката Коњарка (2,5 км од с. Скочивир). По патеката долга околу 23 км се стигнува до шумската куќа Редир (1.650 м.н.в.), се минуваат Влашките колиби (1.850 м.н.в.) и се стигнува до целта – Летна караула (1.930 м.н.в.). Подобро подготвените продолжија до врвот каде што има прекрасна панорама: на запад е Пелистер, на југозапад и на југ се високите Нередска и Негушка планини, а помеѓу нив се синеат четирите големи Сараѓолски езера. Југоисточно е Пајак планина, а северно од неа Кожуф. При добра видливост се оцртува и бреговита контура на Солунскиот Залив, а западно од него е моќниот Олимп. Секако, за ова вреди човек да се потруди за да го доживее. Во натпреварувачкиот дел настапија 9 екипи во машка и женска, јуниорска и сениорска конкуренција со вкупно 34 души. Како рекреативци учествуваа повеќе од 50 души. Првите места ги освоија: во машка конкуренција Трпе Мартиновски, во женска Весна Кираџијева и во јуниорска Александар Кираџиев, сите од Центропром, кој е и екипен победник, а Стефани Димова од Изгрев-Велес е победничка кај јуниорките. Наградите беа поделени наредниот ден (недела) во караулата во с. Скочивир, која беше обезбедена од НГШ како и автобускиот превоз од Скопје до с. Скочивир и назад.
Во самата организација голема помош дадоа и вработените од касарната од Битола, инаку и самите членови на главниот организатор ПСК 18-ти Август од Скопје. Покрај домашните планинарски друштва имаше и гости од 6 планинарски друштва од Србија, кои со прекрасни чувства си заминаа од овој натпревар и дводневно дружење, со надеж за понатамошна соработка кај нас и кај нив. Планинското трчање продолжува на Плачковица и на 18 Август на Славеј Планина.
Составил,
Синиша Алексовски
17.7.2006 год.